Работејќи надвор од формалната економија, поединците ги избегнуваат даноците, административните постапки, уплаќањето социјални придонеси, даночните и трудовите регулативи. Нерегистрираните бизниси остваруваат неправична и незаконска предност во однос на занаетчиите кои ги исполнуваат законските обврски. Сивата економија штетно влијае на занаетчиските бизниси, ја уништува нивната конкурентност и создава незадоволство во занаетчискиот сектор зашто нелегалниот бизнис кој дејствува без никакви давачки делува слободно без никакви контроли и надзори.
Ова се само некои од прашањата што треба да ги отвори денешната тркалезна маса „Спречување на сивата економија во занаетчискиот сектор“ чија цел е не само подигнување на свеста за спречување на сивата економија во занаетчиството, туку и поттикнување дијалог и соработка со инспекциските служби.
Дебата ја организира Занаетчиската комора Скопје, а предвидено е, покрај занаетчии, да учествуваат и претставници од УСАИД, Министерството за труд и социјална политика, пазарни и трудови инспектори.