За 37 проценти се зголемени средствата за финансиска поддршка на компаниите, од кои Владата на РМ преку својот буџет како дел од севкупните мерки за економски раст предвидува 4,1 милијарда денари, истакна министерката без ресор за странски инвестиции, Зорица Апостолска, која пред бизнисмените од Пијанечко-малешевскиот регион ги претстави трите столба од владиниот План на економски раст.
– На барање на стопанствениците во регионот и интересот на компаниите од Берово, Пехчево, Македонска Каменица и Делчево денеска ги појаснивме финансиските поддршки што ги дава Владата во рамки на планот за економски раст и согласно со Законот за финансика поддршка на инвестициите. Во текот на оваа година која е прва година од имплементација на овој Закон, за поврат на средства за инвестициски трошоци, аплицираа околу 100 компании од Македонија, додека само 4-5 компании од овој регион аплицираа по оваа мерка, што е многу мал број. Затоа е потребно да ги појасниме и охрабриме стопанствениците, за да можат да го прошират својот бизнис и да инвестираат, истакна Апостолска.
Ирена Ѓеоргиевска од Фондот за иновации и технолошки развој истакна дека преку фондот се реализира третиот столб од мерките на Владата, при што во тие рамки, повиците што се пласираат, посебно актуелниот повик кој како инструмент е наменет за микро, мали и средни претпријатија е отворен до 11 декември. На инфосесијата присуствуваа претставниците на бизнис-секторот од регионот на Пијанец и Малеш и граѓани заинтересирани својата бизнис-идеја да ја претворат во профитабилен бизнис.
По завршување на инфосесијата, градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, имаше средба со министерката Апостолска на која беа претставени заложбите на општината за создавање поволна бизнис- клима и за отворање нови работни места.