Апсолвентот на правни студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Нинослав Нанков, е победник на 22-та Ораторска вечер „Иво Пухан“, што синоќа се одржа на овој факултет, а на која тој учествуваше со говор на темата “Црни Тоги”, текст со критична содржина за актуелните состојби во македонското правосудство.

Второто место на Ораторската вечер го освои Стефан Солев, студент на Економскиот факултет, со говорот на тема “Сонце на залез, Пиреј во мраз”, додека третото место го делеа студентките на Правниот факултет Моника Пеичева со говорот на тема “Жени лидери” и Етина Ливарека со говорот на тема “Жед за знаење, љубов и мир”.

Наградата за најдобра интерпретација “Бранко Ѓорчев” ја освои Моника Пеичева.

Ораторската вечер на Правниот факултет е традиционална манифестација што се спроведува како натпревар по говорништво. Во финалето настапија десет говорници, студенти на различни факултети на Универзитетот.

Како што соопштуваат од Правиот факултет, на објавениот повик за пријавување, што беше отворен за сите студенти на УКИМ, се пријавиле 32 кандидати, од кои 19 учествувале во полу-финалето. Десетте финалисти биле одбрани за учество во финале од страна на жири-комисија.

Секој пријавен кандидат работел со свој ментор, а како ментори учество земале: Проф. Д-р Гордана Силјановска- Давковка, Проф. Д-р Владо Бучковски, Проф. Д-р Татјана Петрушевска, Проф. Д-р Александра Максимовска-Стојкова, Проф. Д-р Гоце Наумовски, Доц. Д-р Есин Кранли-Бајрам како и Асс. М-р Тимчо Муцунски. Сите финалисти исто така работеле на своите говорнички вештини заедно со актерот Дејан Лилиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/12/2018 15:56