Вкупно 35 фотографии од Месечината, Сонцето, планетите, небули и ѕвездени јата содржи изложбата што ќе биде отворена вечер во Домот на АРМ по повод јубилејот – 20 години постоење на Скопското астрономско друштво.
Изложбата насловена „20 години низ објективот на Скопското астрономско друштво“ ќе трае до 16 декември, а влезот е слободен.
Астрофотографиите се изведени во разни техники за фотографирање на ноќното небо и небесните објекти.
-Со астрофотографиите последниве години направивме „квантен скок“. Можеби изгледа шеговито, но и самиот се изненадив колку сме добри. Сакаме да го покажеме тоа. Навистина сметам дека луѓето заслужуваат да ја видат изложбата. Во споредба со регионот, нашите астрофотографии слободно можам да кажам дека се едни од најдборите. Ова е наша четврта или петта изложба, но прва волку добра. Едноставно, го подигнавме квалитетот, вели за МИА Радан Митровиќ од Скопското астрономско друштво.
Според него, астрофотографијата е многу поразлилчна од обичната. Во обичната се користат неколку стотинки од времето, делови од секунда, а во астрофотографијата неколку минути. Блендата е отворена и во тие неколку минути телескопот следи како се движи некоја ѕвезда.
Скопското астрономско друштво е важен двигател на неформалното образование во државата, како и важен глас за популаризација на науката, посебно на астрономијата и астро-физиката. Во изминатите две декади одржа бројни курсеви по астрономија, стотици предавања и теренски набљудувања за сите љубители на астрономијата.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и Министерството за одбрана.