Ефектите од зголемувањето на минималната плата на околу 12.000 денари се позитивни и оваа висина може да ја поднесат работодавците во Македонија, но треба да се внимава на наглите зголемувања над овој износ. Освен тоа се уште има кршење на работничките права и дел од платата мора работниците да ја враќаат. Ова го покажува студијата која ја направи Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“ со седиште во Скопје што беше претставена пред заинтересираните во Прилеп.

Процената во студијата е дека ова е оптималното ниво, или постои уште мал простор, за зголемувањето на минималната плата, до околу 13.000 денари, а најдобар начин да се излезе од сиромаштијата е да се генерира економски пораст и повеќе платени работни места.

Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, ефектите од порастот на минималната плата се позитивни, а за да не се кршат работничките и законските права, потребен е зголемен инспекциски надзор.

– Студијата ги оценувше ефектите врз призмата на работодавците и работниците кои се двете клучни засегнати страни од оваа реформа и главен наод е дека зголемувањето може да го издржат работодавцците, но понатамошното зголемување на минималната плата треба да биде мошне внимателно и во линија со порастот на економијата. Значи, да не се избрзува со нагли зголемувања кои би отстапувале од порастот на економијата. Но тоа зголемување често е иднетификувано со кршењето на работничките права во ситуациии кога морале да вратат дел од платата во готово кога не им биле платени деновите од одмор или прекувремените часови. Заклучок е дека ваквата состојба мора да предизвика надзор на инспекциските служби, вели Петрески и додава дека студијата покажува дека се уште има такви случаи.

За универзитетскиот професор Димитар Николоски, зголемувањето на минималната плата може да влијае во зголемување на неформалниот сектор, односно сивата економија.

-Од воведувањето на законот во 2012 година, минималната плата бележи континуиран пораст. Оваа регулатива важи за работниците во формалниот сектор, односно во регистрираните компании. Зголемувањето на минималната плата може да влијае врз зголемувањето на сивата економија, или неформалниот сектор. Од друга страна минималецот е светилник во формалниот сектор како ориентир како да се движи платата на работниците. Поради тоа се неопходни дополнителни истражувања. Неформалниот сектор ги опфаќа сите нерегистрирани работни места. Има процени дека една третина од вработеноста во Македонија отпаѓа на неформалната економија, вели Николоски.

Љубица Дејковска од Сојузот на синдикатите на Македонија објаснува дека воведувањето на минималната плата беше на барање на ССМ, а дали има ситуации на кршење на работничките права во поглед дел од платата да ја добиваат во готовина и да вратат кај работодавецот, слушаат, но не добиле официјална поплака.

– Слушаме дека некаде се случува такава ситуација, но до нас, во Сојузот на синдикатите на Македонија нема доставено официјална поплака. Во секој случај тоа е работа на инспекциските служби кои треба да ја следат состојбата, вели Дејковска.

Студијата за ефектот на минималната плата е финансиски помогната од Европската унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2018 04:00