Министерот за транспорт Горан Сугарески побарал поддршка од Европската унија за финансирање на проектите од транспортната инфраструктура при учеството на вториот Министерски совет на ЕУ за Западен Балкан што се одржува во Брисел во рамки на Договорот за основање на Транспортната заедница. За поддршката од ЕУ на инфраструктурните проекти Сугарески во Брисел имал средба и со еврокомесарката за транспорт Виолета Булц, соопшти денеска Министерството за транспорт и врски.

Проектите од паневропските коридори 8 и 10, укажал министерот за транспорт, ќе го подобрат поврзувањето со државите од регионот и Европската Унија, а се во насока на постигнување на европските стандарди до 2030 година.

– Владата на Република Македонија, преку Министерството за транспорт и врски достави апликација за инвестициски грант во износ од 5.136.000 евра за изградба на заедничката станица со Република Србија. Искрено, се надевам дека апликацијата ќе биде одобрена од страна на Управниот Комитет на ВБИФ, по што ќе започнат постапките за избор на изведувач и надзорен инженер. Согласно планот за набавки, се предвидува градежните работи да почнат до средината на 2020 година, потенцирал министерот Сугарески.

Како што рекол, Договорот за основање на транспортна заедница е во согласност со започнатиот процес на интеграција на Македонија и нашите аспирации за членство во Унијата.

– Верувам дека овој Договор ќе донесе нов квалитет и ќе ги забрза секторските реформи, а на подолг рок, ќе придонесе за подобрена ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на транспортните услугите како за корисниците, така и за компаниите во секторот, рекол Сугарески, кој ги презентирал и проектите на Министерството за транспорт и врски во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2018 12:39