На големата сцена на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ вечерва премиерно ќе биде изведена претставата „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ во режија на Венцислав Ристов. Инаку оваа е петта постановка на оваа претстава за 70-годишното постоење на Велешкиот театар.
Како што информира Александар Ивановски нов в.д директор на Велешкиот театар, првата премиера на „Сомнително лице“ била во 1950 година. Втората била во 1955, а третата во 1984 година, a во главната улога на Јеротије Пантиќ бил Петре Прличко. Во 2005 година на сцената на Велешкиот театар била поставена и четврттата премиера на „Сомнително лице“ во која главната улога на Јеротије Пантиќ ја играл Младен Крстевски, а кој после петнаесет години во оваа улога повторно ќе настапи и во петтата премиера на „Сомнително лице“
-.Многу е тешко една претстава да има пет премиери за 68 години, а секоја да биде поразлична од претходната и да ја привлекува публиката. На Велешкиот театар тоа му успева сите овие години, а е и еден од малкуте во земјава кој досега поставил пет премиери на популарната „Сомнително лице“, појаснува Ивановски.
Основата на приказната е иста, а сепак режисерот Ристов прави осовременување на познатата комедија на Нушиќ која е жестока сатира на државниот чиновнички апарат и бирократските процедури, потенцира Ивановски.
Во претставата играат познати актери од велешкиот и скопски театари како Ѓорѓи Тодоровски-Трупче, Васил Зафирчев, Младен Крстевски, Кирил Гравчев, Александар Ѓорѓиев, Драган Миладиновски, Мане Ташев, Жарко Спасев, Кире Ацевски и актерките Кети Борисовска и Талија Настова.
Сценографијата е на Весна Богојевска, костимографијата на Невенка Тодоровска и музиката на Сашко Костов.
Претставата е дел од годинашната програма на велешкиот театар финансирана од Министерството за култура.