Самостојната изложба „Хероините на нашето време“ на академската сликарка Јана Јакимовска ќе биде отворена вечер во втората сала на Музејот на Град Скопје.
Изложбата е омаж на жените-хероини во македонското општество кои му се спротивставија на репресивниот, конзервативен, мизогин и хетеронормативен систем на вредности.
Кураторката Елена Вељановска оценува дека изложбата “Хероините на нашето време” ја нагласува потребата за паметење и историзирање, но и повикува на рамноправност во паметењето во услови на доминантна хероизација на маскулинистичките симболи на моќ.
-Поставката отвора дискусија за ре-дефиниција на улогата на современата жена во македонското општество, и токму преку симболичната употреба на поимот хероина, таа воедно и предлага ново читање и пишување на скорешната историја. И најнакрај, таа го ревитализира медиумот на оваа изложба – портрет-на уметност – којшто е крик да се врати достоинството на старите медиуми, коешто им беше одземено со нивната употреба во пропагандни цели, наведува Вељановска.
Јана Јакимовска е вонреден професор на Ликовната академија при Универзитет Гоце Делчев – Штип.
Ова е нејзина петнаесетта самостојна изложба.