Годишниот симпозиум на Здружението на ликовни критичари – AICA Македонија, насловен „Ликовната критика денес“ ќе се одржи денеска во Музејот на современа уметност во Скопје.

Во рамки на програмата на симпозиумот ќе биде доделена наградата „Ладислав Баришиќ“ за најдобар истражувачки проект од областа на ликовната критика. Добитник на наградата за 2018 година е Славчо Димитров со истражувањето „Ан-архични тела: Естетското, корпореалниот материјализам, афектите и политичкото”.

Работната сесија на програмата вклучува излагања и дискусија на тема „Обиди за дефрагментација: проширување и интегрирано развивање на хибридната институционална рамка“ конципирана и модерирана од Владимир Jанчевски, историчар на уметност и куратор. Најавени се излагања на Ивана Васева, историчарка на уметност и кураторка, Слободанка Стевческа, уметница, Тихомир Топузовски, ликовен уметник и теоретичар и Бојан Иванов, историчар на уметност.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура, Град Скопје и семејството Баришиќ, со институционална поддршка од НУ Музеј на современа уметност – Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2018 17:01