Македонскиот актер Благој Веселинов е официјален учесник во програмата „Европски филмски ѕвезди“ на претстојното 69-то издание на Берлинскиот филмски фестивал 2019 година.

Настанот „Европски филмски ѕвезди“, како дел од Берлинале, годинава, по 22 пат по ред, ќе започне на 8 февруари, кулуминирајќи со свечена церемонија на доделување на наградите во Берлинале Паласт, на 11 Февруари.

– Благој Веселинов официјално е одбран како еден од десетте најдобри млади европски актери, кои покрај тоа што ќе имаат чест да бидат јавно претставени на фестивалот како ѕвезди во подем, ќе бидат и дел од посебна платформа која нуди единствена можност за оставрување на директни средби со кастинг директори, продуценти и воопшто филмски професионалци од целиот свет, соопштија од Агенцијата за филм.

Оценуваат дека тоа е голем успех за Веселинов, не само како признание на неговата досегашна работа, туку како отворање на широка врата за негова меѓународна кариера, а воедно и за Македонија кон светската кинематографија.

– Неговото последно актерско остварување, улогата на Веле во филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски е круцијално за жирито на Берлинскиот филмски фестивал да го одбере за учесник во програмата и да ја истакне својата импресионираност од неговата изведба на ликот каде што „мошне умешно покажува длабока и изненадувачка чувствителност, а истовремено иако многу суптилно, умно и контролирачки прави пресврт покажувајќи ја својата искрена врска со неговиот лик“, истакнуваат од Агенцијата за филм.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2018 16:53