Македонија дваесеттина години активно работи на борба против корупцијата, но сепак се има чувство како работите да се на почеток. Земјата има добра правна рамка, но недостига примена на законите, како и јакнење на институционалните капацитети. Измените и дополнувањата на Законот за спречување на корупцијата, кои се во собраниска постапка, треба да ја зајакнат ефикасноста и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата, но исто така потребно е и доекипирање на јавното обинителството за гонење организиран криминал и корупција и поголема финансиска поддршка на институцијата.

Ова се дел од ставовите на учесниците на денешната Конференција на тема „Итни реформски приоритети:Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата. Има ли напредок?“ во организација на Платформата на граѓански организации за борба против корупција.

– Некако постојано сме на почеток во борбата против корупцијата. Ние во изминатите 18 години постојано нешто работевме, постојано нешто се случуваше, се менуваа закокни, се носеа нови, се формираа институции, ги потпишавме сите конвенции, многу извештаи беа дадени за земјава, многу од нив беа добри, најчесто оние кои се однесуваа на законите и институциите, но она што затајува е примената на законите. Ние создадовме добра правно и институционална основа и рамка за борба против корупцијата, но никако не почне ефикасната работа на институциите во борба против корупцијата, рече Слаѓана тасева претседател на Транспаренси Интернешанал Македонија.

Постојано кога мислиме дека сме постигнале одредено ниво, додаде таа, гледаме дека процесите се враќаат назад и постојано се има чувство како да сме на почеток.

-Постојано го водиме истиот муабет, а никогаш како сега Македонија не била толку ниско на индексот за перцепција на корупцијата и не добила толку лоши извештаи од ГРЕКО и Европската комисија како што е случај денеска, после 18 години работа на ова поле, рече Тасева.

Таа потенцира дека во изминатиот период имало случаи еден ист закон поинаку да се применува во различни состави на Антикорупциската комисија. Во одреден период, вели, видовме дека може да се работи по тој закон, а оти во друг дека членовите се пасивизираа самите иако имаа основа за работа. Вели дека за ефикасна борба опротив корупцијата е во институциите да седат лица со интегритет и знаење од областа. Тасева истакна дека таква можност нудат новите решенија за Антикорупциската комисија, бидејќи, потенцира во законот се вградени сите основи внатре да можат да влезат само поединци кои ја знаат работата и поединци со интегритет.

Обвинителката Вилма Рускоска од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, рече дека оваа интитуција е кадровски недоекипирана, како и оти немаат доволно финансиски средства за непречена работа.

– Кадровски сме недоекипирани, ни недостигаат минимум пет обвинители, сега сме вкупно 10 заедно со мене, а има премногу работа. Нашите предмети се многу големи и обемни, ни фалат стручни работници, а пари нема, рече Рускоска.

На прашање дали се обратиле за финансиска поддршка од институиците таа рече дека републичкиот обинител Љубомир Јовевски го направил тоа но оти не знаат каков ќе биде одговорот.

-Ние мора да имаме пари за вештачење за преводи, ние сепак работиме со организиран криминал, така што во незавидна ситуација сме во секој случај, рече Рускоска.

Министерката за правда е уверена дека измените и дополнувањата на Законот за спречување на корупцијата ќе овозможи поефикасна комисија која ќе работи на борбата против корупцијата, бидејќи, рече, од европски експерти добиле позитивни мислење на дека се на вистинскиот пат.

-Во собраниска процедура е законот за спречување корупција. Во меѓувреме додека течеа роковите во Собранието ние го испративме на согледување од страна на европски експерти. Добивме коментари на законот кој главно се позитивни и со кои на одреден начин се дава признание за исчекорот што го правиме во зајакнувањето на ДКСК, нејзините надлежности и секако давање можност да има пристап до дата бази на податоци за да може да врши анализа на имотната состојба на функционерите, финансирањето на политичките партии и финансирањето на изборите, рече Дескоска.

Таа додаде дека има одредени сугестии кои се однесуват претежно на прецизирање на постапката во Собранието околу изборот на членовите на Државната комисија за спречување на корупција, така што е можно да има ситни амандмански интервенции во текот на собраниската процедура со цел, како што рече, целосно да добиеме најпозитивно мислење за овој закон.

Таа верува дека многу скоро може да биде закажана седницата за амандманската расправа за овој закон и Собранието во зависност од неговата агенда во најскоро време да го донесе законот.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2018 14:17