Симулација на судење од областа на работните односи се одржа денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје по повод 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

На симулацијата, чија тема беше работен спор од областа на психолошкото вознемирување во работни односи – мобинг со елементи на дискриминација, учествуваа студентите на додипломски и постдипломски студии на Правниот факултет: Стојан Николов, Елена Јаман, Никола Германов, Никола Мурџев, Пепица Честојнова, Димитар Тромбевски, Иво Ристески, Јовица Димитроски, Соња Анастасова, Ивана Иванова, Ивона Стојчевска и Софија Христовска.

-Оваа симулација на судење е исклучителен настан што се одржува традиционално веќе неколку години по ред на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Настанот е многу значаен бидејќи преку него покрај тоа што се промовираат прашањата од трудовото и социјалното право се упатува и една силна порака до јавноста за тоа колку се важни работните односи во современово општество во кое ние живееме, истакнаа учесниците на денешниот настан.

Симулацијата, што е четврта по ред, ја отвори деканот на Правниот факултет проф. д-р Горан Коевски, а беше спроведена под менторство на проф. д-р Лазар Јовевски и судијата Хилда Мешкова од Одделението за работни спорови при Основниот Суд Скопје 2.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2018 15:13