Во ООУ „Александар Македонски" денеска почна да се спроведува проектот „Превенирање на насилното однесување во основните училишта" во организација на општина Аеродром и Институтот за европски образовни, социокултурни и економски политики – Европа за тебе.

Во рамки на проектот ќе се одржат три семинари на кои реномирани универзитетски професори ќе им помогнат на наставниците од одделенска и од предметна настава, како и на стручните соработници од основните училишта на територијата на општина Аеродром преку интерактивна дискусија да ги надградат своите знаења и да разменат искуства.

Целта на проектот, како што информира општина Аеродром, е наставниците во основните училишта да се стекнат со ефикасни стратегии за полесно препознавање на насилни ситуации во нивните училишта.

– Насилството меѓу учениците е едно од најактуелните глобални феномени присутни и во Македонија, изјави на почетокот на семинарот професорот Дејан Мицковиќ и додаде дека најдобар пристап за справување со овој проблем е превенцијата.

Да се превенира насилството меѓу учениците е пораката и на професорката Елизабета Томевска-Илиевска бидејќи, како што рече, Македонија е земја во која насилството е секојдневие. Професорката по социолошки науки Татјана Стојаноска Иванова посочи дека семинарот е посветен на психолошките аспекти на овој присутен проблем во училиштата и најави оти во текот на дискусијата ќе се разгледаат и европските искуства и практики во превенирањето на оваа појава.

Во текот на семинарот ќе се обработуваат повеќе теми, како правата на децата, правни, социолошки, психолошки и педагошки аспекти на насилството и малтретирањето (булингот) во училиштата, психолошки последици од изложеноста на малтретирање и насилство во училиштето и можности за нивно рано препознавање и превенција, позитивни европски практики за намалување на насилството во училиштата, како и наоди од најнови релевантни истражувања спроведени кај нас и пошироко.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2018 15:25