Издавачката куќа „Готен“ го објави романот „Тврдина“ на естонскиот писател Тијт Алексеев.

Романот, како што информираат од „Готен“ е вториот дел од трилогијата на овој писател за крстоносните војни.

„Тврдина“ претставува драматична и набиена приказна со пресвртни настани за освојувањето на Антиохија од страна на крстоносците. Станува збор за возбудлив роман за важноста на човековите релации, лојалноста, љубовта, за пријателството.

Алексеев собирал материјали за романот повеќе од десет години и ги посетил главните места каде што се одвивале борбите. Како резултат на тоа, во романот прецизно е реконструиран средновековниот свет, заедно со неговите вредности и мани.

Преводот на книгата од унгарски јазик е на Анамарија Цинеге-Панзова и Златко Панзов.

Пред две години „Готен“ го објави и првиот дел од оваа трилогија, романот „Поколение“.

Објавувањето на романот „Тврдина“ се реализира во рамки на проектот „Балтикот вирално преку литературата на Балканот“, што опфаќа превод на 10 книги од книжевности што припаѓаат на балтичкиот регион, еден од најмалку познатите региони од Европската Унија на Балканот.

Објавувањето на книгата е поддржано од програмата Креативна Европа на Европската Унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2018 15:29