На Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје денеска ќе биде промовирана книгата „Основни принципи на топографијата“ (Basik Principles of Topography) од проф. д-р Благоја Маркоски од Институтот за географија при ПМФ.

За карактерот и содржината на книгата ќе зборуваат проф. д-р Златко Србиноски од Градежниот факултет и проф. д-р Свемир Горин од Институтот за географија при ПМФ.

Изданието на книгата е на англиски јазик. Методолошкиот концепт опфаќа осум поглавја со поголем број наслови и поднаслови. На почетокот се зборува за топографијата како научна дисциплина, за Земјата како небесно тело и за непосредните физички карактеристики на земјиштето проследено со објаснувања за разни типови и категории на земјиште кое се среќава во природата. Накратко се зборува и за претставувањето на земјиштето на карта, поимот, класификацијата и елементите на картите. Во контекст на запознавање и непосредна обука на корисниците на книгата обработени се некои од математичките елементи на картите од типот на најприменуваните картографски проекции, размерот и рамката на картите и поголем број географски елементи на картите како што се формите на релјефот, хидрографските објекти, типовите на земјиштето и вегетацијата, населените места, разни други објекти, комуникации, граници и географски имиња и натписи.

Во книгата се обработени и аспектите на мерења на картите, поточно се објаснети постапките за одредување координати на точка, одредување на надморски височини, процесите на мерење растојанија, површини, хоризонтални и вертикални агли, изработката на профил на земјиштето и други аспекти. Врз основа на вака презентираните содржини и стекнати знаења проблематиката продолжува во сферата ориентација во географскиот простор така што се презентирани видовите на ориентација (географска, топографска и тактичка ориентација), потоа начините на ориентација (ориентација на земјиштето без карта, ориентација на карта и со карта, одредувањето на положба на стојалишна точка) и движењето по земјиштето. Прикажани се разни начини на ориентација и движење по земјиштето со конкретен текстуален опис на редоследот на постапките и сликовно илустриран приказ.

Во продолжение книгата се надградува со содржини поврзани со поновите техники и технологии, односно аспектите на користење на аерофотограметриските и сателитски снимки, сателитските системи, глобалните навигациски сателитски системи, LiDAR технологијата базирана на ласерско снимање на земјиштето и компјутерските програми со дигитални атласи. Во функција на непосредна примена на аспектите на топографија и картографија кон содржината е поместено едно поглавје во врска со методологијата на картирање и картографирање на вегетацијата како еден сегмент од географскиот простор.

Книгата Basic Principles of Topography содржи и два додатока, од кои едниот е топографски речник на стручни термини, а вториот додаток е топографскиот клуч кој се користи за топографските карти на Република Македонија во размер 1:25000.

Книгата како самостојно интегрално дело е едно од првите изданија од македонски автор публикувано во издание на престижната издавачка куќа Спрингер.

Професор Маркоски работи на Институтот за географија при ПМФ од 1984 година, каде од 2007 година е редовен професор во областа на картографијата, географските информациски системи и регионалната географија. Има публикувано над 180 трудови, девет универзитетски учебници и наставни помагала, пет монографии, девет учебници и помагала за основно училиште. Има изработено над 50 карти. Бил шеф на Институтот за географија, продекан на ПМФ, претседател на Советот за статистика на РМ, претседател на Педагошкиот совет на РМ, уредник на списанието Географски разгледи и многу други. Добитник е на повеќе награди меѓу кои и државната награда „Гоце Делчев” 2014 г., за научни постигнувања со делото „Македонија ‒ Туристички Бисер”.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2018 16:28