Комисијата за спроведување на постапката за избор на Универзален снабдувач со која претседава академикот Глигор Каневче, денеска, по истекот на рокот за поднесување апликации на јавниот повик, веднаш по 15:00 часот, изврши јавно отворање на доставените понуди во согласност со тендерската документација.

Комисијата констатираше дека се доставени две понуди: првата од група понудувачи составена од ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување и втора од ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ. Утврдено дека двете понуди се согласно тендерската документација и го исполнуваат првичниот услов да бидат отворени.

-Во согласност со тендерската документација беа прочитани следните елементи на понудите, понудена бруто маржа и доставена банкарска гаранција. По отварањето на двете понуди Претседателот на Комисијата констатираше дека и во двете понуди е доставена валидна оригинална банкарска гаранција, додека понудената бруто маржа наведена во понуда доставена од група на понудувачи составена од ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување е 14,4 отсто, додека понудената бруто маржа наведена во понудата на ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ е 14,9 проценти, соопшти Кабинетот на вицепрмиерот Анѓушев.

Следува фаза на евалуација на понудите, односно проценка на нивната економско-финансиска и техничката способност. По завршување на евалуацијата што максимално може да трае 86 дена, доколку компаниите ги исполнуваат условите, ќе бидат поканети да учествуваат на електронска аукција, по принцип на негативно наддавање на понудената маржа, а почетна маржа ќе биде пониско понудената маржа од двете понуди. Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа ќе биде избран за најповолен и ќе биде поканет да го потпише договорот за Универзален снабдувач со електрична енергија.

-Комисијата изјави дека посветено ќе се работи пред крајниот рок да биде завршена евалуацијата и да се заокружи процесот на избор на универзален снабдувач. Овластените претставници на компаниите кои аплицирале на јавниот повик немаа забелешки на постапката, наведува Кабинетот на заменик-претседателот на Владата.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2018 19:02