Во Младинскиот културен центар вечер во 20 часот премиерно ќе биде изведен перформансот „Unicorns(Magic world)“ на Скопје танцов театар.

Со оваа премиера Скопје танцовиот театар ги заокружува својата годишна продукција и активности.

Претставата е составена од два дела. Првиот е „trashOUT“ во кореoграфија и режија на Анастасија Данчевска и Дејан Битровски, а во неа свое деби имаат студентите од прва година при Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип: Исидора Краљевска, Фросина Шуман, Борис Богдановски и Тања Крстевска, а ќе настапи и Бобан Русески, студент на втора година при УГД.

Вториот дел е насловен „Анима“ (драфт на претстава по идејите на Карл Јунг) во кореографија и режија на Рисима Рисимкин и танчерите. Костимите се на Благој Мицевски. Во „Анима“ настапуваат професионалните танчери на Скопје танцовиот театар: Дејан Битровски, Адријана Данчевска, Матеа Киселичка, Анастасија Данчевска и Тринга Хиса.

Претставата базира на теоријата на Јунг, по која во душата (анима-та) на мажот се содржани четири архетипови на жената, Ева, Хелена, Марија и Софија. Кореографијата е направена врз база на истражување на состојбите и конекциите на ’петте елементи’, т.е. четирите жени и мажот.

Скопје танцовиот театар годинава настапи на „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија и беше единствен во последните триесет години од регионот, гостуваше во Њујорк на 37. „Battery Dance Festival“, а беше и во Пекинг на Интернационалниот фестивал за танц на Пекингшката академија за танц.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/12/2018 10:46