На Западен Балкан ќе му требаат 50 години да го достигне просечниот стандард на Европската унија. Со сегашните просечни стапки на раст во економиите на државите од Западен Балкан стандардот би се зголемил двојно за над 20 години.

Тоа го покажува истражувањето што го презентира претседателот на Сојузот на економистите на Србија, Александар Влаховиќ на денешната дебата „Предизвиците на регионалната економска соработка“, што ја организира Стопанската комора на Македонија.

– Клучен проблем за развој на економиите е недостатокот од развиени институциии, треба да се напуштат популистичките политики и да се овозможи вработување на младите, смета Влаховиќ.

Тој предупредува дека јавниот долг на државите од регионот мора да се одржи на ниво под 50 проценти од БДП, како мерка на претпазливост со оглед на најавите дека се наоѓаме во предвечерие на нова економска криза. Загрижувачко е движењето на кредитната активност која расте, но кај населението, а не кај компаниите.

Стапката на вработеност не го следи вкупниот раст на економските активности и таа се должи на демографските поместувања, а не на економијата. Клучен проблем е невработеноста на младите која е особено изразена во Македонија и потребни се акции за значајни промени, укажа Влаховиќ.

Одговарајќи на прашање од претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески што треба да се преземе, Влаховиќ рече дека треба да се заврши економската транзиција и да не се води популистичка, туку државно визионерска политика.

– Нема успешна пазарна економија ако немате изградени независни институции и завршени структурни реформи, рече Влаховиќ, напоменувајќи и дека странските инвестици се важни, но оти нема просперитет на домашната економија ако се занемарат домашните инвеститори.

Дебатата во Стопанската комора на Македонија е посветена на предизвиците на регионалната економска соработка, како неопходен предуслов за иднината на регионот на Западен Балкан како целина.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/12/2018 14:27