Мораториумот за градби за првпат беше донесен на 27 декември минатата година и продолжувањето е со важност до 30 април 2019-та. Со мораториумот, 31 ДУП се враќаат на повторна доработка, а истовремено се забранува издавање на одобренија за градби на територија на општината, со што идејата на општината е да воведе ред во урбанистичкото планирање, но и да придонесе кон намалување на загадувањето на околината и атмосферскиот воздух, соопшти општина Центар.
Покрај мораториумот, на седницата советниците ги изгласаа и донесоа и останатите точки од Дневниот ред, меѓу кои и целосниот проект за изградба на фекална и атмосферска канализација на улицата „Петричка" во Маџир маало, одлуки за работата на ЈП „Паркинзи на Општина Центар", измени во буџетскиот календар за работа на општината во 2018 година и други.
На предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, додадена беше и точката за поддршка на семејствата на бранителите – учесници во конфликтот од 2001 година. Градоначалникот Саша Богдановиќ, во консултација со советниците, материјалот го даде на понатамошна обработка и точката за поддршка на бранителите ќе се најде на дневен ред на некоја од идните седници, се додава во соопштението.