Во Џебното кино на МКЦ денеска напладне премиерно ќе биде прикажан краткометражниот игран филм „Игра“ кој тематизира врсничко насилство и е снимен според вистински настан во Перт, Австралија.

Филмот е проект на учениците од школата за млади филмаџии при Академија ДАСТА (Центар за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“) и е втор филм за врсничко насилство што го работат, по краткиот филм „Кукачот“ од мај оваа година.

-Во филмот играат и средношколци од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, како и возрасни. Всушност, дел од родителите на учениците на ДАСТА, како и други доброволци се вклучија во филмот и снимаа волонтерски со желба порака да стигне на вистинското место, соопштија од ДАСТА, наведувајќи дека треба да се зборува за насекаде присутното врсничко насилство, кое остава длабоки траги во детската психа.

„Игра“ е поддржан од Град Скопје. Снимен е по сценарио и режија на Загорка Поп-Антоска Андовска, а директор на фотографија е Владимир Димоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/12/2018 10:50