Во Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ во Градско денеска во рамки на програмата на Денот на Општина Градско, беше отворена седмата самостојна изложба на Снежана Лазарова Луна, самоук,слободен уметник, наивец, која десетина години создава уникатни дела – слики изработени со семе од бел ориз и библиско црно семе синапово.
Таа на оваа изложба се претставува со 24 дела од нејзиното деветгодишно творештво. Сликите се изработени со семиња од органско потекло на ориз и црн синап од македонското поднебје.
Техниката на Снежана Лазарова Луна е иновативна и оригинална единствена на нашиве простори и пошироко, велат историчарите на уметноста кои го следат најзиното творештво.
-Јас за овие девет години создадов од 76 до 78 дела. Работата е макотрпна и толку е реално можно за овој период, бидејќи работам само со две чепкалки и само со овие две семиња, а без никакво добојување, ниту со четка, ниту со перце, ниту со молив, појаснува за МИА, уметницата.
Таа потенцира дека животните случувања ја натерале во своите дела да најде духовен мир, каде креативно ја усмерува својата енергија и љубовта кон сликарството и поезијата што ја има од школска возраст кога изработувале дела со семиња на кои им ставала и сламки.
Лазарова во своите најнови дела претставува слика со базиликата – мозаик од крстилницата во Стоби, и совршен круг огледало од мост. Воедно се претставува и со циклус од четири слики посветени на Тоше Проески, а за кој, како што ни најави, подготвува и цел циклус и изложба во јануари, за роденденот на Тоше.
На нејзините слики има претставено голем број светци меѓу кои предначи Богородица со Исус, Свети Никола, Св Петка, Св Јован, „Псалм 42“.
Потоа Куќата на Кочо Рацин, Ленка на Рацин, Кањонот Пешти на реката Бабуна, Портал, жетварки, зрно леб.
Таа учествувала на бројни групни изложби во земјава „Иноватор 2012“, Балканската колонија на креации 2015 и 2016, БИТ Фест, Ресенската колонија Јаболкобер – Ресен 2018 и други, а имала самостојни изложби две во Велес, Валандово, Кочани, Виница и Струмица и сега во Градско.