Фејсбук привремено ја блокира страницата на синот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху откако повика „сите муслимани да го напуштат Израел“.
По последнитре немири во кои беа убиени пет Палестинци и тројца Израелци, меѓу кои двајца војници, Јаир Нетанјаху на Фејсбук повика „да се исфрлат“ Палестинците.
– Дали знаете каде нема напади? На Исланд и во Јапонија каде случајно нема муслимани, напиша тој.
Во друга објава напиша дека постојат само две можни решенија за мир, или „сите Евреи да го напуштат Израел или сите муслимани да си заминат“.
– Помила ми е втората опција, додаде 27-годишниот Јаир кој се соочи со обвиненија дека е возрасен човек кој живее во резиденцијата на премиерот иако нема официјална улога во државата, но доделени му се телохранители и возачи.
Фејсбук ги избриша неговите објави во кои исто така повика и на „одмазда поради смртта на двајца израелски војници“.
Јаир Нетанјаху потоа ја критикуваше социјалната мрежа на Твитер нарекувајќи ја „диктатура на мислите“. Фејсбук го блокира неговиот профил по 24 часа.
Палестински новинари и активисти долго време ги обвинуваа социјалните мрежи како што е Фејсбук за двојни стандарди во спроведувањето на своите политики, особено во израелско-палестински контекст. Минатата година „Интерсепт“ објави извештај во кој откри дека Фејсбук брише содржини и блокира корисници по наредби на израелски и американски власти. Десетици палестински новинари во март се собраа пред канцеларијата на ОН во Газа за да протестираат против практиката на блокирање палестински профили на Фејсбук, нарекувајќи ја „кршење на слободата на мислење и изразување“. – Фејсбук блокира речиси 200 палестински профили минатата година, и уште сто од почетокот на 2018 година, објави Салама Маруф, потпарол на Хамас, групата која е на власт во Појасот Газа. Тој додаде дека 20 проценти од израелските профили „отворено повикуваат на насилство врз Палестинците“ без никакви последици. Арапскиот центар за развој на социјални медиуми во април соопшти дека кибер одделот во израелската Влада официјално соопштил дека Фејсбук прифатил 85 проценти од владините барања да се избрише некоја содржина, профил или страница на Палестинци во 2017 година. – Ваквото израелско надгледување и контрола на палестинските дигитални содржини на социјалните медиуми стана алат за масовни апсења и кршења на човековите права, стоеше во извештајот.