Изложба насловена „Економијата на Преспа низ вековите“ на Игор Ефтимовски е отворена вечерва во ресенскиот Сарај.
На 10 постери уметникот ги претставил економските фаза на традиционалните стопански гранки карактеристични за Преспанскиот регион до периодот на индустријализацијата, односно до Втората светска војна.
Целта, како што изјави Ефтимовски за МИА, е преку изложбата да се даде внимание на овие традиционални гранки и што се одгледувало и работело во Преспа.
– Со тоа сакам да ги инспирирам луѓето што може да се работи тука и да се отвори некоја компанија, да се засили економијата во Преспа, рече Ефтимовски.
Овој млад ресенчанец, кој неодамна дипломирал археологија преку фотографии и текстови го прикажува земјоделството, како основна дејност во Преспа, уште од времето на неолитот пред 8.000 години. На отворањето на изложбата, тој ги образложи сликите и текстовите кои публиката може да ги види во наредните седум дена.
– Опишано е и сточарството, а голем акцент е ставен на рибарството како дејност со која населението се занимава од памтивек. Покрај автохтоните риби, опишани се и чуновите со кои специјално се ловело риба во ова езеро. Дел од изложбата е посветена и на бојаџиството, металообработката и трговијата. Претставени се и монетите што циркулирале на територијата на Преспа во минатото, појасни Ефтимовски.
Опфатено е и производството на керамика во Преспанскиот регион, како важен сегмент од економијата во регионот, од што произлегува и ресенската керамичка колонија, како членка на меѓународната академија за керамика при УНЕСКО.
Ова е прва изложба од ваков вид во Преспа, која има огромно значење за историските показатели во развојот на економијата на оваа територија. Организатор на изложбата е Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен.
Ефтимовски имал слична изложба во 2013 година посветена на Македонија и Преспа од II до XIX век.