Американската берза на акции забележа вчера огромен пад, пред се поради стравувањата дека Федералните резерви би можеле да ги зголемат каматните стапки во текот на оваа недела.

Индексите Дау Џонс и S&P 500 овој месец веројатно ќе го забележат најлошиот резултат уште од Големата депресија во 1931 година.

Дау Џонс уште првиот ден од тргувањето загуби 2,1 отсто, додека S&P 500 имаше загуба од 2,5 проценти и достигна најниско ниво оваа година.

Акциите на Џонсон и Џонсон, Голдман сакс и Амазон придонесоа за падот, а Мајкрософт загуби 3,6 отсто од берзанската капитализација.

Претседателот на САД Доналд Трамп побара од ФеД да не ги зголемува каматните стапки четврти пат оваа година. Меѓутоа, експертите оценуваат дека шансите ФеД утре да ги зголеми каматните стапки изнесуваат дури 80 отсто и тоа на ниво од 2,25 до 2,5 проценти, што ќе биде најголема стапка уште од финансиската криза во 2008 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2018 12:16