Во фоајето на Македонскиот народен театар вечер ќе биде отворена изложба за одбележување полувековен јубилеј од кариерата на доајенот на македонското актерство Петре Арсовски. Изложбата, насловена „Петре Арсовски, 50 години театар“, е визуелно сведоштво за живот на сцената на актерот Арсовски и ќе прикаже фотографии, плакати и останати експонати на дел од претставите во кои игра, а се во продукција на МНТ.

Во вечерашната премиера на претставата „Галеб“ од Чехов во режија на Нина Николиќ, Петре Арсовски ќе настапи во ликот на Петар Николајевич Сорин и ќе одбележи 50 години на сцената на МНТ. Дебитирал во 1968 година во „Венецијански трговец“ во улога Првиот полицаец, а на актуелниот репертоар на МНТ игра и во претставата „Разговори во четири очи“.

-Целта на изложбата е да се прикаже развојот и низата остварени ликови на еден од најпочитуваните актери во македонското глумиште и жива легенда на македонскиот театар и филм. Со постојаноста на квалитетот на сцената, видлива и во експонатите, изложбата дава поглед на актерските реализаци на Арсовски преку кои тој е запаметен и се памети како актер кој се гради, а на сето изминато време му дава значаен белег. Без разлика дали се работи за голем или за мал лик, тој во сите претстави плени со својата ненаметлива снага, одмереност, посветеност и умеење да се фати во костец со секој доверен нов лик, наведува МНТ. Изложбата во фаојето на театарот ќе биде отворена непосредно пред премиерата на „Галеб“ од Чехов.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2018 15:01