Мала трошна барака, оставена на забот на времето, сместена во близина на реката Црн Дрим, како да ги брои деновите. Изградена во далечната 1938 година, во себе ги крие тајните на богатата флора и фауна во и околу Охридското Езеро, во Струга и Струшко од пред еден век. Нејзин творец е надалеку прочуениот руски доктор Николај Незлобински, емигрант, кој бил испратен во Струга на мисија да го лекува населението од тогаш актуелната маларија. Со околу 8.000 изложени експонати, музејот „Д-р Никола Незлобински“ претставува уникатен презентер на природното и културното наследство за регионот на Охридското Езеро и годинава слави 90 години од основањето. На само неколку метри од природонаучната збирка се наоѓа Спомен-куќата на Незлобински. Во неа, покрај спомен-собата на Никола и неговата сопруга Софија, се сместени археолошките депоа и администрацијата.
Богата природонаучна поставка
Струшкиот музеј располага со богата природонаучна збирка од околу 8.000 изложени експонати и уште толку складирани во депоата. Распоредени во девет соби почнувајќи од најситните, инсектите, по нив доаѓаат рибите, па птиците и на крај цицачите. Дел од поставката е резервирана и за раститенија, пред сè водни. Најголем дел од поставката ја сочинуваат инсектите, околу 7.000, а голем број им припаѓа и на птиците.
Биологот и кустос во музејот „Д-р Никола Незлобински“, Данче Аџиоска, за МИА ја презентира природонаучната збирка посочувајќи дека карактеристично е што сите примероци се од охридско-струшкиот регион, со исклучок на мечката, која е од селото Брајчино.
Според неа, има доста видови што сега ги нема или се во исчезнување. Како пример ги посочи белоглавиот мршојадец, што го има во многу мал број, како и некои видови орли. Пеликанот е исчезнат во Охридското Езеро, но го има во Преспанското и Дојранското. Во многу мал број има балкански рис, а претставен е и ендемичен вид на охридски сунѓер, што се среќава на одредена длабочина во езерото. Голем дел од инсектите од збирката на Незлобински веќе не се среќаваат во околината, исчезнати се со сушење на мочуриштата.
Во музејската поставка е претставен патот на мрестење на јагулата од Охридското Езеро до Саргаско Море. Откако ќе се размножи, младите единки повторно се враќале во езерото по истиот пат каде што поминувале возрасните. Тој пат сега е спречен со изградбата на хидроцентралите и секоја година се врши вештачко порибување на езерото со јагули. Меѓу другото, во музејот има и макета на „даљаните“ со чија помош се ловела риба.
Стручни лица, како што истакна Аџиоска, секоја година прават превентивна заштита на експонатите со специјални средства. Откако ќе се истретираат, додава, музејот е запечатен три дена и никој не смее да влезе внатре, а потоа се прави проветрување и повторно е достапен за јавноста. Превентивна заштита вршат и препараторите, кои се грижат за поставката доколку забележат оштетување.
Музејот на доктор Никола Незлобински
Незлобински е основоположник на музејската дејност, не само во Струга туку и во цела Македонија. Овој голем човек, чиј приоритет биле медицината и лекувањето на населението од маларија, бил голем љубител и на природата. Со доаѓањето во Струга почнал да прави обиколки во градот, околу реката Црн Дрим, Охридското Езеро… За него, особено привлечни биле флората и фауната од околните планини, полето, но и живиот свет во Охридското Езеро. Голем интерес имал и за мочуриштата што претставувале извор на маларија за жителите. Истражувајќи ги овие места, Незлобински со својата страст кон природата почнал да собира и да препарира инсекти, птици и други животни, сето тоа го документирал и со фотографии. Во 1928 година ја презентирал првата зоолошка збирка во една од бараките, во која живееле со сопругата. Со тоа се поставени и темелите на музејската дејност во Струга, но и во Македонија.
За ловењето и препарирањето на животните се грижел сам, а техниките ги научил за време на студирањето во Русија. По две години збирката се зголемила и бил потребен поголем простор за примероците да бидат достапни за јавноста. Експонатите ги сместил во една од четирите бараки со кои располагал. На мини музејот му се радувале сите, вработените, болните, децата и возрасните. Тоа било поттик Незлобински да продолжи во својата мисија и за кратко сфатил дека е потребна нова зграда каде што ќе бидат сместени експонатите. Изготвил план за изградба на музејска зграда, која со помош на населението била готова само за една година.
Во рамки на музејот „Д-р Никола Незлобински“ работат и спомен-домот на Браќата Миладиновци и галеријата Ванѓел Коџоман.
Омилениот руски лекар кај стружани
Рускиот емигрант, воен доктор и еден од протераните белогардејци Никола Незлобински заедно со сопругата Софија и тим од соработници во 1924 година биле испратени во Струга, за да му помогнат на населението да се справи со маларијата, болест што зазема епидемични размери во овој регион. Во лекувањето на пациентите многу му помогнала сопругата, а маларијата ја искоренил со мелиорација на мочуриштето, односно негово затрупување со багери, со што ги уништил гнездата на комарците, кои се најголеми преносители на оваа болест.
Докторот Никола Незлобински уживал голема почит кај стружани и поради општествените заслуги бил прогласен и за почесен граѓанин на Струга. Умира на 17 мај 1947 година од срцев удар. Заедно со сопругата Софија почиваат во алејата на заслужни граѓани на Градските гробишта во Струга. Неговата љубезност и посветеност кон луѓето од овој крај го направија Незлобински најсаканиот лекар во Струшко.
Деведесет години историја
Струшкиот музеј годинава слави јубилеј, 90 години од првата музејска поставка. Десет години подоцна е изградена и музејската зграда, каде што сега е изложена збирката експонати. Музејот почнал со оваа збирка и биолошко одделение, но со текот на времето тој се развивал и денес во негови рамки работат и археолошко, етнолошко и историско одделение. Сите имаат свои збирки со околу 35.000 експонати, кои, за жал, стојат во музејските депоа, бидејќи нема изложбен простор.
Јубилејот беше прославен минатиот месец со промоција на фотомонографија направена од стаклени негативи на Незлобински, изложби на кои беа презентирани предмети од археолошките истражувања во струшкиот регион…
Преку фотомонографијата може да се види она што Незлобински го работел, луѓето, културата, традицијата, облеката, економското и социјалното живеење во Струга во тоа време. Најголем дел од фотографиите, како што забележа на промоцијата директорката на Управата за заштита на културното наследство Елеонора Петрова-Митевска, се направени по текот на реката Црн Дрим и покажуваат дека пејзажите не се вечни, туку се менуваат, како што се менува и конфигурацијата на теренот, текот на водата со ерозија и целиот систем на пејзажот.
Слаѓана Стојкова Костоски