Дигиталните општествено-критички плакати на уметникот и графички дизајнер Ладислав Цветковски од неговиот уметнички проект „Мои коментари“ од циклусот „Црнила“ вечер првпат ќе бидат прикажани во печатена форма на самостојна изложба во Мала станица.

Национална галерија на Македонија соопшти дека плакатите коментираат конкретни настани, изјави, однесувања на личности, менталитет, состојби, а целта на Цветковски е да упати универзални пораки и да потсети на одредени изгубени вредности. Изложбата е пресек од 70-ина плакати од циклусот „Црнила“ и за посетители ќе биде отворена до 28 декември.

Во последните години Цветковски се изразува преку општествено-социјалениот плакат и тие визуелни коментари ги објавува на социјалните мрежи, сакајќи да даде личен коментар на некои универзални појави поврзани со локалниот, но и поширокиот општествено-политички и социјален амбиент.

-Мотивиран од енергијата на студентските протести и инспириран од случувањата во Македонија, Ладислав Цветковски на 20 февруари 2015 година својот блог и фејсбук-профил го сподели плакатот „Црнила“. Тоа беше почетокот на неговиот проект наречен „My Comments” (Мои коментари). Во 2015 година, во исклучително загадениот и контролиран медиумски простор, единственото место каде Цветковски можеше да ја реализира силната потреба да даде личен коментар за бруталната вистина, беа социјалните мрежи. Неговите визуелни коментари инспирирани од дневните случувања во Македонија секојдневно ги споделуваше на неговиот блог, фејсбук-профил, а подоцна и на Гугл+, Инстаграм, Твитер, соопшти НГМ.

Цветковски го завршил циклусот „Црнила“ на 31 октомври 2017 и дотогаш создал 177 авторски дигитални плакати, од кои три се анимирани.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2018 15:19