Куманово е една од 12-те општини во Македонија кои подготвија локални акциски планови за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите и ќе користат финансиска поддршка од Владата за реализација на конкретните проекти.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој вчера заедно со министерот за локална самоуправа и министерот задолжен за имплементација на Стратегијата на Ромите ги потпиша договорите, денеска информираше дека се обезбедени 280 илјади денари со кои Владата ќе партиципира во изработка на проекти за населбите во кои живеат граѓаните од ромска етничка заедница.
Според Димитриевски, за овие населби кои главно се дивоградби, потребно е да се изработи проектна документација.
– Иако се симболични овие средства, сепак првпат Владата ги доделува за општините. Досега немало таков случај. Благодарни сме и рационално ќе ги искористиме, строго наменски на одреден проект и очекуваме дополнителни средства за реализација на конкретни проекти, рече Димитриевски.
Неодамна и министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата на Ромите, Ахсел Ахмедовски ја посети кумановската населба „Средорек“ и тогаш најави дека жителите на оваа населба ќе добијат канализациска мрежа, по што улиците ќе бидат асфалтирани. Средствата во вредност од три милиони денари се обезбедени од Владата преку Министерството за транспорт и врски, согласно Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите.