Жителите на кумановското село Режановце бараат од локалната власт да им помогне во изградба на секундарна канализациска мрежа. Во селото преку проектот на ЕУ и општина Куманово поставен е главниот вод и еден крак, но жителите, велат дека самите мораат да плаќаат за изградба на дополнителните краци и приклучоци. Тие бараат поддршка од локалната власт за изградба или да се најде донатор за проширување на фекалната мрежа на селото. Велат, дека дел од нив, бидејќи се занимаваат со земјоделство, немаат средства за плаќање за изградба на секундарната мрежа и приклучок кој ги чини од 300 до 500 евра во зависност од оддалеченоста од главниот крак.

На главниот крак според проценките на месното население приклучени се 60-тина семејства, а дополнително треба да се приклучат околу 150.

-Ние не одрекуваме дека мора да се плати за приклучок, но изградбата паѓа на товар на населението. Затоа бараме да ни се помогне во изградата на краците низ селото или преку општината или преку донации, вели членот на месната заедница на Режановце, Бобан Аврамовски.

Тој додава дека со години чекале да се изгради главниот крак. – Сами плаќаме се, а „Водовод“ бара скоро 11.000 денари за приклучок. Ќе платиме, но зошто кога се самите да инвестираме. Не мора целосно да бидеме ослободени, барем делумно, вели Чале Димковски, жител на Режановце.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски информира дека преку проектот на ЕУ за изградба и реконструкција на канализациската мрежа и поставени се 1.010 метри канализациона мрежа од кои општината финансираше изградба на 180 метри мрежа и 27 шахти.

-Сепак, село Режановце доби примарна канализациона мрежа и на едно место секундарна. Интенцијата е да се изгради секакава инфратруктура во руралните средини, вели Димитриевски.

Дополнително, додава тој, ќе се прават планови за изградба на мрежата, но во овој момент вели градоначалникот нема ниту проектна документација, ниту средства.

Што се однесува до приклучокот, Димитриевски потенцира дека доколку сакаат да го подигнат нивото на комунално живеење сите жители на општината мора да ги плаќаат комуналиите, 10.000 денари по приклучок за секој поединец кој има техничка можност и дополнително за градежните работи од дворното место до приклучокот.

Тој потсети дека во изминатиот период, општината инвестирала во руралните средини, Агино Село, Љубодраг, Умин Дол. И тој вели дека овој проблем се провлекува со години наназад.

– Заедно ќе постигнеме и ќе дадеме максимум во реализација на бројни инфраструктурни проекти во согласност со буџетот, додава Димитриевски.

ЈП „Водовод“ наплаќа за одвод и за пречистување на отпадни води кои изнесува 12 денари по метар кубен. Режановце е едно од ретките села кои имаат делумно решена канализациона мрежа. Според градоначланикот на Куманово во руралните средини нема инфраструктура и посочи дека од 46 села во кумановско, само во три има решен систем за водоснабдување.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/12/2018 17:08