Градоначалникот Петре Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, престојуваа во еднодневна официјална посета на Подгорица по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на главниот град на Црна Гора.

Шилегов и Јанчева положија цвеќиња на Споменикот на партизанот борец на ридот Горица, присуствуваа на свечената седница на Советот на Подгорица, како и на откривањето на споменикот на Јосип Броз – Тито во паркот на брегот на Морача, соопшти прес-службата на Град Скопје. Скопје и Подгорица се збратимени од 2008. и оваа година одбележуваат една деценија од збратимувањето. Двата града негуваат плодна соработка во повеќе области, особено во областа на културата, уредувањето на просторот, прашањата од комуналната сфера, туризмот и заштитата на животната средина. Делегација од Подгорица предводена од градоначалникот Иван Вуковиќ во ноември годинава присуствуваше на одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2018 12:07