Во Паркот на Франкофонијата вечер од 19 часот ќе се одржи мултимедијален авторски настан на композиторката Ана Пандевска, насловен „Зимски пејзаж“. На програмата ќе бидат три композиции од опусот електроакустична музика на Пандевска, а во изведба на пијанистката Дуња Иванова.

-Во зимски амбиент, и покрај ниските температури, концертот ќе биде изведен на акустично пијано поставено на отворен простор како можност за испраќање порака за слободата и достапноста на музичката уметност, соопшти Сојузот на композиторите на Македонија.

Во рамките на овој проект, Ана Пандевска првпат ќе се претстави и со самостојна изложба во Монтажната галерија. Нејзините слики, кои се изработени на платно и гипс картон во различни ликовни техники, ќе бидат изложени во вид на висечки инсталации.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2018 12:09