Петицијата против Дизни во која продукциската куќа се обвинува за колонијализам поради изразот „хакуна матата“, собра над 50.000 потписи.
Фразата значи „нема проблем“ на свахили јазикот кој се говори во Кенија, Танзанија, Уганда и Конго. Првпат тој израз стана популарен со платинестиот хит „Џамбо Буана“ од 1982 година, на кениската група „Дем Машрумс“.
Елтон Џон и Тим Рајс во 1994 година, користејќи ги истите два збора, направија свој хит за потребите на „Кралот лав“, кој се смета за еден од најдобрите долгометражни цртани во историјата.
Дизни потоа го патентираше изразот како заштитен знак на брендот.
Иницијаторите на петицијата сметаат дека компанијата не може да заштити и присвои нешто што тие не го измислиле, и дека тоа е неетички.
– Големите компании ги користат културните добра на Африка за да заработат. Добро знаат дека тој израз им припаѓа на луѓето, и е дел од културата на цел еден континент. Не е фер Кенијците да не можат да ги користат тие зборови во САД, смета професорот Кимани Њогу.
Петицијата против Дизни беше објавена по најавата за преработка на „Кралот лав“, чија премиера е закажана за jули 2019 година.