Изградил над 1.000 куќи, но својата не може да ја доврши. Пензионерот Ајри Мустафов кој е еден од најдобрите мајстори на својот занает во Делчевско, поради болест, седи затворен дома каде влагата нему и на семејството, дополнително им го влошува здравјето.

Неговата сопруга Рамиза очајно ја бара помошта која им е потребна, прво за да опремат место за одржување на личната хигиена, а потоа да можат да изградат пристојна соба, најмногу заради синот Ајруш, кој е добар ученик.

-Не можеме да дишеме, воздух да земеме, не загуши и мене и детето и домаќинот, овде е влага, онаму е влага, нема каде да се бањаме, грееме водичка, божем се бањаме, немаме ни дрва, вели Мустафова.

Пријателите кои одвреме навреме им помагаат, велат дека за обезбедување пристојни услови за живеачка за ова семејство се потребни околу 60.000 денари.

-За да ја одржуваат личната хигиена, бидејки не се моќни, треба на луѓето да им се опреми купатило. Куќата нема таван, треба да се стават летви и од тврдиот стиропор, па потоа подот да се порамни со цемент. По мое размислување за тоа се потребни околу шеесет до седумдесет илјади денари, вели пријателот на Мустафови Слободан Цоби Симоновски од Делчево.

Со солзи во очите Мустафов вели дека доколку закрепне ќе ја врати помошта, бидејки тој не е навикнат да живее седејки. Ако не може да ги врати парите, помошта како што вели, ќе ја одработи со своите две раце.

-Плачам и не зборувам со моите од нервоза. Ах, да не се разболев, ќе ја направев целата куќа, од овој малку, од тебе малку и ќе им вратев после. Ама ете не можам, вели Ајри Мустафов.

Мустафови претходно живееја во стара куќа која поради неисправна електрична инсталација им изгоре. Локалната самоуправа смогна сили и со помош на фирми и хумани граѓани успеа да им обезбеди повторно кров над глава. Останува да се соберат потребните 1000 евра кои и тоа како им се потребни за подостојна живејачка.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2018 14:28