Дизајнирани предмети инспирирани од орнаментите во словенските ракописи од 13. до 17 век, кои се дел од археографската збирка на НУБ „Св. Климент Охридски“, се претставени на изложбата „Промоција на културното наследство на иновативен начин“. НУБ ја организира изложбата во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје, а по повод одбележувањето на Европската година на културното наследство-2018.

Претставени се сувенири – чаши, перници, филигрански накит, маички, сапуни, бележници… од неколку занаетчии и брендови од Македонија (Искра&Лидија блупринт; студио Керакамика; Билјана Клекачковска; Шадија Девришевиќ и Јасмина Главинче). Целта на авторите била да направат средба меѓу минатото и иднината, старото и новото, духовната смиреност и динамичната енергија. Изработките се од керамика, дрво, волна (филц), сребро, рециклирана хартија… со аплицирани букви и симболи (мотиви) кои ги има во средновековните евангелија. Користени се и нови технологии и 3Д принтови.

Раководителката на овој проект на НУБ, Елена Никодиновска, на отворањето на изложбата рече дека со настанот сакаат да го одбележат културното наследство кое е дел од археографската колекција на Библитеката. За таа цел ги поканиле занаетчиите-уметници и им дале избор од пет средновековни ракописи (Вруточкото, Бенчевското, Зрзевското и Струшкото четвороевангелие и Псалтир со последование, кои датираат од 13. до 17 век). Оригинални словенски ракописи, рече Никодиновска, досега биле изложени во Кралскиот музеј Мариемонт во Белгија и во Ватиканските музеи.

-Од оригиналите сега се инспирирани овие наши уметници, кои на свој начин другаруваа со ракописите и го презентираат тоа што тие го почувствувале. Значи, претставување на старото на еден иновативен начин. Целта ни е да ја сензибилизираме и запознаеме публиката со овие ракописи, рече Никодиновска, додавајќи дека оваа изложба сакаат да биде почеток на една постојана презентација зашто имаат идеја во склоп на НУБ да биде отворена продавница со сувенири од пишаното културно наследство.

Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Фримзим Даути истакна дека Македонија поседува разновидно културно наследство и дека тоа се вклопува во мотото на ЕУ: „Обединето во разновидност“.

-Имаме ракописи вредни за културно наследство – старословенски, арапски, турски и персиски, напишани со кирилично писмо и со арапска азбука. Оваа лингвистичка разновидност само го збогатува културното наследство на Европа, а во Македонија сме горди на разновидноста на нашето културно наследство, рече Даути.

Во име на Делегацијата на ЕУ во Македонија се обрати Сања Фрковиќ-Гелевска која рече дека културното наследство ги обликува нашите идентитети и нашиот секојдневен живот, дел е, рече, од нашите градови, пејзажи и археолошки локалитети.

-Изложените дела се вистинско отсликување на слоганот на Европската година на културно наследство – „Нашето наследство – каде минатото се среќава со иднината“. Културното наследство не е само во литературата, уметноста и предметите, туку и во занаетите кои ги имаме научено од нашите предци, приказните кои им ги кажуваме на нашите деца, храната во која уживаме со нашите пријатели и филмовите кои ги гледаме и се препознаваме во нив, рече Фрковиќ-Гелевска.

На плакатот за изложбата е претставен Орелот во лет со ореол, симболот на св. Јован Богослов, кој во канџите држи свиток со почетните зборови на Евангелието: „Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога“. Овој моќен орнамент е содржан во Вруточкото четвороевангелие од 13-14 век. Орнаментот изработен од сребро од уметницата Билјана Клекачковска е дел од изложбата „Промоција на културното наследство на иновативен начин“ која денеска беше отворена во холот на НУБ.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2018 19:29