Во Музејот на град Скопје вечер од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Скопје пред 8 милениуми_2: првите керамичари од Церје – Говрлево“, на која низ повеќе илустративни паноа и археолошки предмети ќе биде обработена темата за раните керамички садови во Македонија преку керамичкиот материјал од Церје – Говрлево.
– Станува збор за поголем број експонати од раниот, средниот и доцниот неолит, односно периодот меѓу 6000 и 5300 година пр.н.е. Меѓу другото, за оваа пригода е изготвено и печатено издание во кое свое место имаат пет труда поврзани со различни прашања од раното керамичко производство низ целиот свет и Балканот, со посебен осврт на материјалната култура од споменатиот локалитет, соопшти Музеј на град Скопје за изложбата која ќе биде отворена до 31 јануари 2019 година.