Во галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов” во Музејот на град Скопје вечер од 19 часот ќе биде отворена самостојна изложба на Родољуб Анастасов „Човек и простор”, која ќе прикаже 30-ина дела на еден од најпознатите и најобемни циклуси од творештвото на Анастасов.

Делата се изработени во различни техники – пастел на хартија, масло на платно, акварел, комбинирана техника… Анастасов се занимава со смислата на изолацијата на човекот во градот. Феномените на просторот, универзумот, на вертикално-хоризонталниот контрапункт ги изнесува со симболични, психолошки и политички набои што го карактеризираат неговото дело.

-Циклусот на кој Анастасов му е посветен најдолг период е „Човек и простор”. Тој на него работи од 1978 до 2008 година. „Човек и простор” е циклус за осаменоста на субјектот во урбаниот простор и воопшто во светот во кој некој се наоѓа надвор од прозорецот. Луѓето во оваа голема серија дела се силуети кои се наоѓаат во некаков свет, предел или град со кој не се во реален контакт. Тежиштата на односите и пораките постојано поседуваат некоја неодреденост која се движи меѓу дистанцата на уметникот и светот околу него или во други случаи на отуѓеноста, алиенацијата на урбанизираниот човек, а можно е дека во тие глетки може да се почувствува некој поглед на идеологијата која луѓето ги доживува како толпа, наведува Музеј на град Скопје во најавата за изложбата која е годишна и во галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов” ќе биде поставена до декември 2019 година.

Родољуб Анастасов (Скопје, 1935) е пензиониран професор по сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Дипломирал на Академија за ликовна уметност во Белград. Пет години бил член на меѓународната група „Јуниј”. За неговото творештво објавени се две монографии – во издание на „Табернакул“ во 1995 и на Музејот на современа уметност во 2011 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2018 07:51