Кумановци вчера во Уметничката галерија имаа можност да разгледаат 63 фотографии на изложбата Фото Салон Куманово, која што ја организираше по 12-ти пат, Фото кино клуб „Козјак“. Пред публиката беа презентирани наградени фотографии од автори од повеќе држави, меѓу кои и кумановците и членови на клубот Ивана Богдановска, Дејан Ангеловски и Милош Нешковски.
–Бурното време во кое што живееме, потполната дигитализација и брзиот развој на технологијата им дозволува на фотографите да бидат сведоци на историјата која се одигрува пред нивните фотоапарати. Затоа Фото Кино Клуб Козјак и годинава ги доби сите признанија од фотографските организации ширум светот. Традиционално ја организира најстарата меѓународната изложба во Македонија, Фото Салон 2018- рече на отварањето, Маријана Павличек од Фото кино клуб „Козјак“.
Учесниците имаа можност да се претстават во пет категории портрет, природа, слободна црно – бела, слободна колор и тема фотожурнализам која оваа година беше посветена на мајсторот на фотографија Живко Јаневски.
На натпреварот учествуваа 124 автори од 40 земји од целиот свет. Жирито во состав Глигор Максимовски (Македонија), Раша Милоевиќ (Србија), Филип Илиевски (Македонија) на изложбата доделија 69 награди во пет категории и главната награда за најдобар автор на изложбата. Меѓу наградените се најдоа македонските автори: Сашо Алушевски, Милош Нешковски, Ивана Богдановска. За најдобар автор на изложбата награден е Самир Захировиќ од Босна и Херцеговина.
Оваа изложба почнала во далечната 1962 година и учествувале само членовите на клубот, потоа прераснала во меѓуклупска, а последниве години е интернационална.