Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) ја поздрави одлуката на Министерството за култура и Владата позитивно да одговорат на нивното барање и да обезбедат средства во Буџетот за 2019 година за порамнување на платите на ниво на дејностите.

-Сакаме да го нагласиме и искрениот ангажман на пратениците кои ги поднесоа амандманите за нивелацијата при расправите за предлог буџетот во Собранието на Република Македонија. Како најголем и единствен синдикат кој искрено и вистински се бори за правата на вработените во културата, потсетуваме дека нивелацијата е само почеток во „лекувањето на децениските болести“ кои ги мачат вработените во културата и добар сигнал дека состојбите се менуваат, наведува СКРМ во дописот до медиумите.

Синдикатот посочува и дека донесувањето нов Закон за култура и потпишувањето нов Колективен договор се два основи приоритети со кои, како што наведува, засекогаш ќе биде ставен крај на понижувачкото секојдневие и непочитувањето на социјалните права.

-Претстои уште многу работа, а нашиот „борбен морал“ е на највисоко ниво. Продолжуваме непоколебливо кон остварување на финалните цели, додава СКРМ во реакцијата по вчерашната најава од Министерството за култура дека до март 2019 година ќе спроведе нивелација на платите во културата по дејности.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2018 16:47