Театарот „Антон Панов“ утревечер во импровизираната сцена од хангар, кој истовремено претставува и штала, премиерно ќе ја изведе претставата „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел. Режијата, драматизацијата и адаптацијата е на Љупчо Ѓоргиевски, сценографијата на Валентин Светозарев, костимографијата е на Андреј Ѓоргиевски, а музиката на Марјан Неќак.
Според режисерот Ѓоргиевски, иако тоталитаризмот на комунистичката идеологија денес е демаскиран и надминат, настапи време на тоталитаризмот во така наречената демократија.
-Претставата е буквар од кој последниве триесетина години ги учевме поимите на „демократијата“, корупција, тоталитаризам, манипулација, демагогија, пропаганда, перење мозок, контрола. Нашата сегашност постојано е под контрола и тоа ни стана нормално секојдневие.Тој што ја контролира сегашноста го контролира и минатото, кое постојано се прекројува во зависност од дневно политичките интереси на власта. А тој што го контролира минатото ја контролира и иднината, рече режисерот на претставата, Љупчо Ѓоргиевски.
Актерот Коста Ангов, во претставата го игра еден од главните ликови, Наполеон.
-Сметам дека направивме една модерна претстава со современ театарски јазик почнувајќи од сценграфското решение, преку костимите, па и музиката, кои се многу значаен дел од целата претстава и завршувајќи со режисерските решенија, па и актерската игра на целиот ансамбал, рече актерот Коста Ангов.
Покрај него во претставата настапуваат и актерите Стојан Велков-Трн, Јулија Милкова, Игор Тодоров, Кире Ѓоргиев, Ванчо Василев, Јасмина Вучкова, Анкица Бенинова, Ангелина Тренчева Ангелова, Танкица Стојанова, Стојан Стојанов-Тачи и Ване Трајков.
Премиерата е утревечер, а веќе се закажани и повеќе репризни изданија во наредните денови.