Со изведба на претставата „Под креветот“ во режија на Бесфорт Идризи, по текст на англискиот автор Брендан Мареј, Детскиот театарски центар (ДТЦ) и Театарот за деца „Чаир“ денеска ја одбележаа стотата претстава за оваа година.
„Под креветот“ го третира стравот од она што се наоѓа под креветот со цел да го разобличи за да се надмине на полесен начин. Креветот во претставата се претвора во автобус, брод, Северен пол,…, што е најчесто синоним за среќа или нешто убаво.
Улогите им се доверени на Деа Пајазити, Елдин Широки, Флакрон Алиу и Алма Садику. Сценографијата и костимите се на Енес Деари.
На изведбата присуствуваа министерот за култура Асаф Адеми, директорот на ДТЦ Бајруш Мјаку и директорот на Театарот за деца „Чаир“ Бесфорт Идризи.
-Овој ден е празничен зашто Театарот ја реализира 100-та претстава што не се случило до денеска во Македонија. Ниту една невладина организација наречена театар или проект што се работел надвор од институцијата театар, не релизирал толку претстави во една година, рече Мјаку.
Тој во оваа прилика повтори дека ДТЦ кој функцуионира како невладина организација, треба да се трансформира, односно институционализира во единствен театар за деца и младинци на албански јазик.
-Не случајно денеска го поканивме министерот за култура Адеми одблиску дa види, да се увери, да се запознае со инфраструктурата што ја имаме, што нуди овој објект. Аплициравме во Министерство да ја институционализира оваа невладина организација од Детски театар во театар за деца и млади, единствен во Македонија на албански јазик, изјави Мјаку и дополни дека министерот за култура им ветил институционализација и дека барањето минало низ филтрите на Министерството за финансии и Владата, но и дека наскоро ќе стартуваат како еден театар.
-Заслуга е на Министерството за култура што годинава ги реализиравме овие проекти со финансиска поддршка од 1,8 милиони денари, но и финансиска помош од Општина Чаир за оддржување на објектот, рече директорот.
Според него, интересот на учениците за добар театар е многу голем. Центарот, освен за ученици од Скопје, реализира претстави и за ученици од околината.
Директорот на Центарот за деца „Чаир“ Идризи истакна дека не беше многу тешка реализацијата на 100-те претстави, но, сепак имале поддршка од школите.