Прилепскиот ансамбл на театарот „Војдан Чернодрински“ утре и в недела ќе ги изведе претпремиерата и премиерата на третата, последна претстава за оваа година. Станува збор за претставата за деца „Авантурите на Пинокио“, од Карло Колоди, во режија на Дарко Ковачовски.

За раководителот на театарот Стојан Дамчески ова е врвно сценско остварување и куклена претстава која предизвикува голем интерес кај младата публика зашто приказната е позната.

-Ова е трета премиера годинава по претставите „Пиреј“ од Петре М. Андреевски во режија на Љупчо Георгиевски и „Казимир и Каролина“ од Еден фон Хорват во режија на Нела Витошевиќ. „Пинокио“ се поставува по втор пат по речиси 25 години. Ковачевски има искуство со вакви, куклени претстави. Работи и живее во Бугарија и е асистент на посебната академија за куклен театар во Бугарија. Ова е поспецифична претстава, работена во манир и на режисерот ова му е посебна специјалност, објаснува Дамчески.

Според Јасмина Мицовска Станкоска која ја толкува улогата на Пинокио, во оваа претстава е вклучена работата со кукли, која е доста специфичен медиум.

– Ова ми е втора соработка со режисерот Ковачовски и мило ми е што ми ја даде довербата во претстава за приказната и за ликот кои ни с епознати уште од нашите детски денови. Ова е малку поспецифичен медиум на кои, ние, драмските актери, не сме навикнати, а тоа е работата со кукли. Работата е поспецифична, тешка, но не и невозможна. Ова е претстава, како што вели режисерот, за едно детенце со дрвено срце, а сака срцето да му биде вистинско. А дека е важнод а имаш доша, мислам тоа успешно го поставуваме во претставата, вели Мицовска Станкоска.

Актерката Даниела Иваноска која ја толкува улогата на штурецот Моцарел истакна дека доста сериозно имале пристапено кон подготовките на претставата, без нити грам потценување дека се работи за детска претстава, затоа што работата со кукли била и не така лесна работа.

-Работата беше специфична, стекнав нови сознанија, зашто немав посебна „обука“ во куклени претстави и сериозно пристапивме кон процесот. СЕ надевам дека децата ќе уживаат, вели Иваноска.

Режисерот Ковачовски ја направи драматизацијата заедно со Надја Василева Ковачовска, која e креатор на куклите и автор на сценографијата и на костимите. Во претставата играат: Јасмина М. Станкоска, Димитар Црцороски, Андон Јованоски, Наташа Ачански, Александар Тодески, Даниела Иваноска и Катерина Чакмакоска Клинческа.

Утре предтремиерата е од 13, а в недела премиерната изведба на „Авантурите на Пинокио“ е од 12 часот во матичниот театар „Војдан Чернодрински“.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2018 17:21