Во завршна фаза е реконструкцијата и хортикултурното уредување на Финскиот парк во населба Ченто. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов изврши увид во работите и напомна дека со уредување е опфатена зелена површина од околу 13.000 квадратни метри.

– Површината е прекопана, исчистен е шутот, донесена е нова плодна хумусна земја и се покрева нов тревник. За првпат во овој парк е поставена хидратантска мрежа со систем за полевање со прскалки. Поставени се 23 шахти и 145 прскалки за наводнување на зелената површина, информираше Шилегов.

За обновување на паркот се одвоени околу 6,5 милиони денари од буџетот на Град Скопје, посочувајќи дека на терен работат екипите на ЈП „Паркови и зеленило”.

– Го зголемивме буџетот за животна средина за 2019 година за 32 насто. Зголемување има и во делот за покревање паркови и зеленило за над 50 милиони денари. Зазеленувањето останува на врвот на листата на приоритети на Град Скопје, потенцираше градоначалникот Шилегов.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2018 18:16