Новата поетска манифестација „Маџирмаалски поетски бранувања“ се одржа неодамна во Даут-пашиниот амам, седиште на Националната галерија на Македонија. На почетокот на манифестацијата се обрати претседателот на Извршниот одбор на традиционалните „Маџирмаалски средби“, Зоран Панчевски, а потоа од страна на Комисијата беше соопштено дека на Конкурсот што го распишаа организаторите за песни кои содржат мотив поврзан со Маџир Маало и тематско-содржински кореспондираат со заложбите за афирмација на урбаниот живот, навиките и традициите, пристигнале преку триесет поетски дела од дваесет и четири автори меѓу кои освен маџимаалци и жители на Скопје, има и поети од Прилеп, Велес, Охрид, Тетово, Делчево и од други градови.

Комисијата изврши строга и принципиелна селекција и одлучи главната награда „Маџирмаалски поетски бранови“ за 2018 година да му биде доделена на авторот Томислав Лазаревски за песната „Маџир Маало - едно минато време (хаибун)“, а двете придружни награди да ги добијат Габриела Стојаноска-Станоеска за песната „Духот на Маџир Маало“ и Љубиша Николиќ за песната „Таму јас не можам“.

Наградите на поетите им ги додели претседателот на Извршниот одбор на традиционалните „Маџирмаалски средби“, а потоа тие ги прочитаа своите песни пред публиката. За особен придонес во организацијата на првите „Маџирмаалски поетски бранувања“ му беше доделено посебно признание на поетот, писател и поддржувач на традиционалните „Маџирмаалски средби“, Илко Димитриески, кој ја прочита својата поема „Маџир Маало“.

Благодарници од страна на организаторите им беа доделени на поддржувачите и на претставници на медиумите, а манифестацијата продолжи со читање песни од присутните автори.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/12/2018 01:22