На споменикот на природата „Маркови Кули“ во Прилеп му се потребни Планот за управување и спој на природното со културното богатство со меѓународна валоризација за да биде на постојаната листа на УНЕСКО, констатираа учесниците на денешната јавна дебата што се одржа во Прилеп. Со ова, всушност, почна комплексниот процес за „Марковите Кули“ да се најдат од привремената на постојаната листа на УНЕСКО. Јавната расправа ја организираа општината Прилеп и Инстутот за старословенска култура.
Според археологот и директор на Институтот Бранислав Ристески, дебатата е „виза“ за усвојување на Планот за управување со комплексот, а покренат е и процес на деномизација на заштитеното подрачје од привремената на посотојаната листа на УНЕСКО.
-Јавната расправа е чекор кон усвојување на планот за управување со заштитеното подрачје „Маркови Кули“. Всушност, станува збор за два паралелни процеса. Едниот е јавната расправа со што добиваме релевантни податоци за овој стратегиски, базичен документ како основа за сите други активности во заштитата, надгледувањето и експлоатацијата на просторот. Вториот сегмент е тоа што Институтот за старословенска култура, започнува процес на реноминација на листата на УНЕСКО како Споменик на природата и на културата, истовремено, рече Ристески.
Тој потсети дека на овој простор и во неговата близина има цела низа на споменици на културата, правно валоризирани- Трескавец, тврдината Маркови Кули, комплексот Вароп со црквите „Свети Никола“, „Свети Димитрија“, „Свети Архангел Михаил“, „Свети Петар и Павле“, заклулно со влезната, резбарената порта на Трескавец.
-Имаме цел дијапазон на културни вредности кои треба да добијат и меѓународна валоризација. Има доволно факти за да може да се фатиме во костец со сите меѓународни стандарди за валоризација на вредностите, објаснува Ристески.
Ристески вели дека пречката комплексот да конкурира на постојаната листа на УНЕСКО е недостигот од Планот за управување.
-Со закон во 2006 година, „Марковите Кули“ се прогласени како споменик на природата. Ние имавме план за управување во 2009 и во 2013 година, но не стигна досегашниот развој. Базичниот документ за која било акција, вклучувајќи ја постапката за номинација на постојаната листа на УНЕСКО е планот за управување. Од нашата активност зависи колкав период ќе ни треба за номинирањето, рече Ристески.
Христијан Талевски од Инситут за старословенска култура вели дека инвентарот на се што поседува раритетниот комплекс е неопходен. Има проект, а ќе почне скенирањето со современата технологија.
-За да штитиме нешто, треба да знаеме со што располагаме. Значи, прво е инвентаризација на целото наследство со примена на современа компјутерска технологија, тридимензионално снимање на просторот. Потоа, ќе се врши мониторинг на сите појави што се случуваат на тој простор. Сега, во состав на проект кој е финансиран од Европската унија, имплементиран од УНДП, општината и Институтот за старословенска култура ги вршат тие први чекори за инвентаризација, во случајов, на геоморфолошките форми, вели Талевски.
За Ивица Милевски, професор на Институтот за географија, природноматематички факултет во Скопје, Планот за управување е во финална фаза и сите актовности може да доведат до првото подрачје во Македонија кое ќе биде на постојаната листа на УНЕСКО врз база на типини природни реткости.
– Очекуваме да биде првото подрачје во Македонија кое, врз база на типично природни карактеристики, во комбинации со одредени културно-историски споменици и со археолошки локалитети, што значи дека ќе биде заштитено во светски рамки, а тоа ќе придонесе за многу поголем углед на локалтитетот, поголема посетеност, за што ќе има голема придобивка Прилеп, а воедно заштита и промоција на се што вреди на овој простор. Има различни начини да се направи тоа. Неопходна е поголема кампања, да се укаже на геоморфолошката важност на локалитетот, па заштитни мерки како што е проектирање на патеки, па мониторинг за тоа колку се еродира или деградира подрачјето или некои делови. Сите тие мерки ќе овозможат многу подолготрајна заштита на самиот простор, објаснува професорот Милевски.