Во Центарот за култура во Ѓорче Петров вечер од 19 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Класот Х“ на Театар Пи, која го актуелизира проблемот на непостоење солидарност и емпатија кон лицата што се на маргините на општеството.

Темата, како што најави театарот, е жестока, интензивна и вознемирувачка и ја открива сликата на нашата реалност во образованието. Раскажува за млади и сиромашни луѓе од дисфункционални семејства, кои израснале во најтешки околности и изолирани не по своја вина.

-Виновно е општеството, виновни се училиштата и медиумите кои не се занимаваат со нивните проблеми. Ние решивме да им дадеме право на глас и да зборуваме во нивно име. Уметноста треба да биде гласот на оние кои глас немаат, соопшти Театар Пи во најавата на својата трета претстава во оваа година.

Режијата е на Златко Митрески и Македонка Илиевска, а играат ученици од ООУ „Јоаким Крчоски“. Влезот за посетители е слободен.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/12/2018 10:34