Кубанското Национално собрание синоќа го одобри Предлог-тексот за новиот устав на Куба, кој треба да биде одбрен на референдум закажан за 24 февруари идната година.

Согласно предложениот текст, Куба и натаму останува држава со централно планирана економија и под управа на Комунистичката партија, но првпат во Револуцијата во 1959 година се дозволува приватна сопственост и се отвора патот за одржување референдум за легализација на истополовите бракови.

Со предлог-уставот се воведуваат функцијата премиер и ограничување на возраста и на бројот на мандати на претседатлот на државата.

Аналиитчарите оценуваат дека легализацијата на приватната сопственост претставува формално признавање на суштинската промена во кубанското општетсво што настана во последнава деценија.

Вовед во ваквата промена беше одлуката на поранешниот кубански претседател Раул Кастро да дозволи купување на домови и автомобили. Можноста Кубанците да бидат сопственици на своите домови, резултираше со забрзан раст на пазарот на недвижности.

Критичарите на Предлог-уставот посочуваат дека со него не се менуваат основите на кубанскиот систем, па опозициските групи веќе најавија дека ќе водат онлајн кампња за гласање „против“ на референдумот.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/12/2018 12:07