Монографија „30 години Поетска ноќ во Велестово“ деновиве излезе од печат во издание на Поетска ноќ од Велестово и ПНВ Публикации-Скопје. Монографијата, која ја подготви основачот на манифестацијата Славе Ѓорѓо Димоски, покрај текстуален материјал, богато е илустрирана со фотаграфии кои хронолошки го претставуваат развојот на манифестацијата во изминатите три децении.
Манифестацијата претставува антологија на македонската поезија и сликарство. Во изминатите 30 години на Поетската ноќ во Велестово беа претставени најзначајните македонски поети и сликари, меѓу кои: Јован Котески, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Богомил Ѓузел, Раде Силјан, Веле Смилевски, Ристо Василевски… до најмладите, а меѓу сликарите учесници беа: Вангел Наумовски, Родољуб Анастасов, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Боро Митриќески, Коле Манев, Сергеј Андреевски, Славко Упевче, Јордан Манасиевски, Стефан Хаџи-Николов, Емил Шулајкоски…
Во монографијата е опфатен антологиски избор со по една песна од досегашните пртеставени автори, а изборот и пригодниот текст го направи Санде Стојчевски.
Бидејќи манифестацијата има и меѓународен карактер, претставен е избор на досегашните поети-странци кои биле учесници, а доаѓале од: Ирска, Норвешка, Русија, Италија, Албанија, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Естонија, Словачка…
Во своето постоење манифестацијата две свои јубилејни изданија (на 25-тиот и на 30-годишниот јубилеј) посвети на поновата македонска поезија и по тој повод објави книга, а во монографијата се претставени сите со избор од нивната поезија.
Текстуалниот дел, покрај воведните делови кои се однесуваат на податоци за селото и за манифестацијата, збогатен е со искажување и обраќања на наши и странски уметници. Монографијата технички ја подготви Јованчо Димоски.