Музејот на македонската борба денеска отвори мултимедијална изложба „Спомени од Првата светска војна“ во која преку документарни материјали – фотографии, лични сведоштва и богат фонд на музејски артефакти, презентиран е војничкиот живот за време на Големата војна на овие простори. Авторка на изложба е Данијела Трајкова-Крстиќ, кустос во музејот.
В.д. директорката Даниела Николова на отворањето рече дека идејата им била низ, како што рече, наша автентична призма да го прикажат тој исклучително значаен настан во светската историја, сакајќи да презентираат два аспекта.
– Едниот се воените случувања на Македонскиот фронт, а вториот, можеби позначаен аспект – да ја претставиме борбата на обичниот човек во воени услови. Изложбата е базирана на афирмирани и добропознати историски факти, како и научноистражувачки резултати кои го портретираат четиригодишниот конфликт. На секој посетител изложбата му овозможува да ги осознае динамичните процеси во предвечерјето, текот и завршувањето на Големата војна, рече Николова.
Изложбата ја поздрави францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние кој во говорт истакна дека во 1918 година овде, на Македонскиот фронт, со заземањето на Скопје заврши трагедијата што почна во 1914., кога народите од регионот учествуваа во настани што, рече тој, им донесоа многу страдања, а тие самите одиграа улога која според историчарите честопати не беше докрај разјаснета.
– Овој дел од историјата останува да се истражи и повторно да се открие, како и голем дел од историјата на регионот, врз основа на вистински факти, но и на толеранција и помирување. Тоа вам ќе ви биде патоказ кон европските рамки каде што се почитуваат националните идентитети и историските прашања… Мора да се свртиме кон заедничките спомени, без да заборавиме на минатото, но како што направија Французите и Германците, прифаќајќи ја реалноста на другиот во полза на заедничките перспективи, истакна Тимоние, додавајќи дека денешниот настан е уште една заедничка врска во одбележувањето на годишнината од дипломатските односи меѓу Македонија и Франција на 27 декември.
Прогласувајќи ја за отворена изложбата, министерот за култура Асаф Адеми рече дека со неа е претставен и богат музејски фонд на нашите институции.
-Преку синергија на различните видови спомени – пишани, визуелни, документарни и лични предмети, дознаваме повеќе за животот во Големата војна, но и за секојдневниот живот. Денешното потсетување на примирјето од ноември 1918 година, дури и симболично, е важна историска лекција за сите. Со крајот на Првата светска војна беше означен почеток на нова ера во односите меѓу државите во светот, носејќи надеж за обнова, помирување, благосостојба, просперитет. На овие универзални вредности ќе градиме подобра и посветла иднина на сите, истакна Адеми.
Со оваа изложба Музејот на македонската борба се придружува во глобалното одбележување еден век од крајот на Првата светска војна (1914-1918). Во подготовката и конципирањето на изложбата соработувал со Музејот од Битола, Музејот на Македонија и Воениот музеј во Скопје.