Македонската филхармонија од 26 декември до 8 јануари ќе биде на турнеја во Кина каде што за две недели ќе одржи седум концерти.
Музичкиот проект „7 концерти во 7 градови во Кина“ ќе опфати гостувања во седум импозантни концертни сали: Хохот – во театарот Хохот, Таијуан – во Шанжи театарот, Тангшан – во истоимениот театар, Женгжу – во фасцинантното истоимено здание, како и во театрите во градовите Хенгшуи, Хефеи и Донгуан.
Турнејата во Кина ќе ја предводи диригентот Јерухам Шаровски од Израел, кој неколку години е чест гостин-диригент со Македонската филхармонија. Како солисти ќе настапат кинескиот пијанист Хају Жанг, кој ќе го изведува Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Петар Илич Чајковски, како и виртуозите на кларинети, браќата Даниел и Александар Гурфинкел, познати како Дуо Гурфинкел, кои вечер се солисти и на гала-новогодишниот концерт на Македонската филхармонија „Точно на полноќ“. На програмите на концертите во Кина се и дела од Гершвин, Бизе, Глинка, Штраус…
Директорот на Филхармонијата Виктор Илиески изјави дека турнејата е од голема важност за институцијата, бидејќи е прва во Азија со целиот симфониски состав. Од контактите што ги имале во Кина со промоторите и менаџерите од оваа турнеја, се очекува, вели тој, да се отворат и дополнителни можности за настапи на Филхармонијата во други азиски држави.
-Драго ми е што еден од менаџерите беше присутен на отворањето на концертната сезона на Македонската филхармонија и тој беше презадоволен од нивото на филхармоничарите, а тоа е најбитната работа за организирање вакви комплексни турнеи. Сакам да искажам голема благодарност и до Кинеската амбасада во Македонија која ни излезе во пресрет за визите, но и за нивното интересирање за целиот процес. Мило ми е што младите генерации кои се дел од оркестарот ќе имаат можност да го искусат концертирањето на друг континент, што е чест случај за големите светски оркестри. Оваа турнеја ќе биде огромна мотивација за сите музичари и се надевам дека, како и во Шпанија, ќе ја претставиме државата и институцијата, од секој аспект, на најдобар можен начин, истакна Илиески.