Градоначалникот Шилегов денеска ги додели наградите на најдобриот пожарникар, полициски службеник и крводарител во Скопје за 2018 година.

Хуманоста е општествена вредност. Таа е дел од нашите принципи. Таа е дел од нашата етика. Скопје е Град на солидарноста и како таков ги негува традициите на хуманост и солидарност кон сите оние на кои им е потребна помош. За таа цел Град Скопје дополнително ги мотивира оние што најмногу придонеле за промоција на хуманоста со своите дела и доделува награди за најдобар полициски службеник, пожарникар и крводарител. Сметам дека оваа награда освен за лична мотивација ќе послужи и како добар пример во средината во која живеете и работите – рече Шилегов.

За своите заслуги во работењето и за својата пожртвуваност награди денеска добија:

1. Елвис Далипи, од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје - награда за најдобар пожарникар за 2018 година.

2. Бранимир Китановиќ, вработен во Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи – Скопје - награда за најдобар полицаец.

3. Тони Ставревски, истакнат крводарител кој до својата 50-та година има дарувано крв 102 пати - награда за крводарител на годината.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/12/2018 15:26